Започна имплементацијата на проектот „Цело е кога има се“

Денеска во Големата сала при Општина Крива Паланка беше означен почетокот на проектот  „Цело е кога има се“, кој е во рамки на Програмата за општинско корисна работа 2018, а е подржан од Програмата за развој на УНДП,  МТСП,  АВРМ  и Општина Крива Паланка.

На отворањето на проектот присуствуваше градоначалникот на општина Крива Паланка, г.Борјанчо Мицевски, директорите и психолозите од основното и средното образование, директорката на Центарот за вработување, претставник од Центарот за социјални работи, претставник од Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост, претставници на општинската администрација, ангажираните лица односно образовните асистенити како и општинскиот координатор Елена Христовска.

Проектот ќе го спроведува Општина Крива Паланка во основното и средното образование преку вклучување на седум образовни асистенти за деца кои имаат попреченост во развојот, а се вклучени во редовниот процес на образование. Асистентите  ќе бидат  присутни за време на часовите со учениците со попреченост и  ќе им помагаат во нивните училишни и домашни задачи, односно ќе ги дополнуваат наставниците или професорите кои што  работат со овие деца.

Овие асистенти ќе бидат вклучени девет месеци односно во учебната 2018/2019 година на скратено работно време по четири часа дневно.

Исто така проектот опфаќа и вклучување на социјален работник во Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост со дополнителни активности  и  вклучување на физиотерапевт масер за лица кои се постари, а на кои им е потребна релаксирачка масажа.  Овие лица  ќе бидат ангажирани со скратено работно време од четири часа дневно во времетраење од шест месеци.

Откако беше официјализиран почетокот на проектот, на ангажираните лица им беше спроведена воведна обука, за да отпочнат со своите работни активности кои се предвидени во програмата. Обуката ја спроведе Сашко Додевски, социолог, вработен во Општина Крива Паланка.

 

Големина на фонт
Контраст