Тековни градежни активности во општина Крива Паланка

Продолжуваат градежните активности на терен кои Општина Крива Паланка ги реализира преку Одделението за изградба и oдржување на комунална инфраструктура и тоа на повеќе локации во градот, како  и приградските и селските населби.

Во завршна фаза е реализацијата на проектот за реконструкција на дел од водоводната мрежа со замена на азбестно цементните цевки, односно се поставува нов слој на асфалтен коловоз на прекопуваните делови  од улиците и се вршат приклучоци на новопоставената водоводна линија.

Заврши изградбата, реконструкција или санација на потпорни зидови на повеќе локации, која беше изведена во соработка со месното население и тоа на ул.„Ристена Гогова“, ул. „Климент Oридски“, ул. „8-ми Октомври“, ул. „Осоговска“, пред  т.н. „Маневски мост“ и на други локации, со што се изврши заштита на загрозени индивидуални објекти,  како и на трупот на локалните улици и патишта.

Преку ЈП Комуналец во тек е  оформување и санација на пешачка патека како врска меѓу ул.„Македонска“ и ул. „Х.Карпош“, во рамките на која се врши и реконструкција и санација на потпорни зидови на одредени делови од патеката.

Во тек се припремни работи за поставување на нов асфалтен слој на двете пристапни улици непосредно покрај т.н. „Белевски дол“, во населба Белево, а продолжуваат и активностите за крпење на ударни дупки на улици и тротоари на повеќе делови во градот.

Со градежна механизација се работи и на санација на локални селски патишта во атарот на с. Трново, с.Црцорија, с.Жидилово, с.Варовиште и на други локации кои беа оштетени од поројните дождови во изминатиот период. Оваа активност континуирано ќе продолжи и на други земјани селски патишта према утврдени приоритети, се до крајот на градежната сезона.