Информација за одржан состанок со претседатели на месни заедници

 На ден 08.06.2018 година (петок), со почеток во 12:00 часот, во просториите на ЛУ Градски Музеј – Крива Паланка беше одржан состанок на претставници од редот на вработените во општинската администрација и претседателите на Советите на месните заедници кои гравитираат на територијата на општина Крива Паланка.

На состанокот, преку свои претставници, беа застапени околу 25 од вкупно 33 месни заедници и на истиот беше дискутирано за тековните проблеми со кои се соочуваат самите месни заедници, нивната организациона поставеност, како и потребата од соодветно канализирање на барањата кои потекнуваат од определени месни заедници и соодветен проток на информации.

По воведното излагање на претставниците од редот на вработените во општинската администрација и нотираните забелешки во поглед на досегашните активности на самите месни заедници и барањето за поголема проактивна улога на самите членови на советите на истите, беше донесен заклучок во рок од 30 дена сите месни заедници да закажат и одржат состаноци на своите Совети, на кои да ги лоцираат приоритетните потреби и проблеми од локално значење и интерес за месното население, како и да достават предлог програма со нотирање на приоритетите кои ќе треба да бидат предмет на тековно решавање во наредниот период.

Исто така, беше истакната можноста за кофинансирање на определени проекти од локално значење од страна на Општината со 50% од вкупната вредност на истите, доколку месните заедници претходно ги обезбедиле останатите 50% со самопридонес, од  донации или спонзори, како и од други извори на финансирање.

Од страна на претседателите на месните заедници беа истакнати неколку предлози, кои на прв поглед се доста конструктивни и се во функција на подобрување на тековната комуникација помеѓу месните заедници и локалната самоуправа, а се однесуваат на определување на лице кое што ќе ги координира и ќе комуницира со сите месни заедници и правовремено ќе ги обработува нивните тековни барања, иницијативи, предлози и сугестии и најмалку еднаш месечно ќе организира состаноци на кои ќе присуствуваат претставници од локалната самоуправа и од месните заедници, како и воведување на приемен ден за претседателите на месните заедници кај градоначалникот на општината, се со цел за подобрување на меѓусебната комуникација, навремено лоцирање на проблемите во месните заедници и нивно ефективно и ефикасно решавање, како и подобра кохезија помеѓу истите.

На состанокот беа истакнати и потребите на месните заедници за добивање на посебен правен субјективитет и печат, кое што прашање е од надлежност на централните власти и ќе биде нотирано како такво, а со цел за изнаоѓање на соодветно решение во догледен период.