Интензивирање на инвестициите и можностите за бизнис заедницата во Крива Паланка

Во текот на вчерашниот ден, по иницијатива на градоначалникот Борјанчо Мицевски се оддржа работна средба со стопанствениците од општина Крива Паланка и министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, како и претстваничката од Фондот за иновации и технолошки развој, Ирена Ѓорѓиевска.

На средбата со бизнис заедницата од општината, пред се беа презентирани мерките од планот на Владата за економски раст во кој се инкорпорирани низа на мерки за поддршка на економијата, а во чие изготвување учествувале сите чинители во економските политики во државата.

-Поведовме иницијативата за формирање на општински сојуз на стопанственици, на чие што основање и зајакнување интензивно работиме претходните неколку месеци. Во насока на зајакнување на соработката на локалниот бизнис сектор и централните власти е и денешната посета на општината и работната средба со министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и претставничката на Фондот за иновации и технолошки развој, Ирена Ѓорѓиевска која како организација нуди огромен потенцијал  финансиски средства како грантови, кои за Крива Паланка во моментот се неискористени, изјави Мицевски.

Министерката Апостолска се заблагодари за иницијативата на градоначалникот Мицевски за можноста и дадената прилика, на овој начин,  пред  бизнис заедницата од општината Крива Паланка да се претстават  можностите во кои компаниите можат да ги  препознаат  условите за понатамошно инвестирање во сопствениот бизнис.

Во презентацијата на владините мерки за економски развој од страна на  Катерина Стојановска – шеф на кабинет во Министерството задолжено за странски инвестиции, беше нагласено дека овие мерки се продукт на еден инклузивен процес во кој што освен владата, учествувала и експертската и меѓународна јавност, како и стопанството.

-Владата намени 46% повеќе средства во буџетот за 2018 година за Програмата за економски развој во однос на 2017 година, а тое е еден од начините на започнување на процес за финансиска стабилизација и развој на економијата, како важни предуслови за подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани. Планот за економски раст се состои од мерки поделени во три столба: мерки за општ економски развој, мерки за поддршка на конкурентноста и мерки за поддршка на мали и средни претпријатија. Главни предуслови за сите мерки кои компаниите треба да ги исполнат е да прикажат пораст на приходите во последната година во однос на просекот во последните три години и ненамалување на просечниот број на вработени во истиот период, изјави во својата презентација Катерина Стојановска.

Мерките во Планот за економски раст се систематизирани во три столба. Гледани во целина, со нив се воведуваат повеќе значајни новини за поддршка на компаниите, што треба да доведат до остварување на зацртаните цели. Успехот на економските политики ќе се темели и врз технолошкиот развој и иновациите. Целта е нашите домашни компании да применуваат современи и модерни технологии и знаења за да станат компетитивни и да освојуваат странски пазари.