Крива Паланка се збратими со Општина Перечин од Украина

Делегација на Општина Крива Паланка предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски во периодот од 26 до 27 мај оствари официјални посета на Општина Перечин во Република Украина. Во рамки на посетата беше потпишан Договор за збратимување помеѓу Општина Крива Паланка и Општина Перечин, од страна на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и неговиот домаќин градоначалникот на Општина Перечин, г. Иван Погорељук.  

Пред граѓаните на Перечин и присутните гости свое обраќање имаше градоначалникот Борјанчо Мицевски, кој се осврна на основните постулати во Договорот за збратимување помеѓу двете општини, каде што е предвидено градење и унапредување на взаемните односи, размена на искуства и широка соработка на полето на културата, економијата, младите и спортот, како и подготовка и аплицирање на заеднички проекти и нивно финансирање од фондовите кои се достапни на двете општини.

Посетата  беше во рамки на прославата по повод одбележувањето на патрониот празник на Перечин, која што изобилуваше со богата културно уметничка, забавна и спортска програма, со огромен број на учесници и гости од целата Задкарпатска област.