Во Крива Паланка се одбележа Денот на пожарникарството

По повод 20 Мај, Денот на пожарникарството, ТППЕ Крива Паланка организираше дефиле низ градот и отворен ден за граѓаните.

На градскиот плоштад беа изложени сите возила, а пожарникарите ги посети амбасадорот на САД, Џес Бејли и градоначалникот Борјанчо Мицевски кои им го честитаа Денот на пожарникарството, укажувајќи им почит за нивната несебичност, пожртвуваност и преданост на ризичната професија која ја работат.

Командирот на ТППЕ Крива Паланка, Иле Коцевски, истакна дека единицата располага со доволен број на возила, но поради конфигурацијата на теренот и стрмните и тесни улички во градот, има голем проблем со пожарите во урбана средина и неопходно е да се набави возило кое ќе може да пристапува и на такви терени во општината и реонот кој го покриваат.

Во изминатите пет години ТППЕ Крива Паланка има околу шест пожари дневно, околу 70 отсто од вкупниот број на пожари се на отворен простор, а над 80 проценти од нив се предизвикани од човечки фактор.

Во ТППЕ Крива Паланка работат 13 пожарникари, а градоначалникот Мицевски најави дека во претстојниот период ќе бидат вработени уште петмина пожарникари кои ќе ги надополнат потребните човечки капацитети на единицата.