Со свечен хепенинг во Крива Паланка одбележан Денот на Европа

По повод Денот на Европа,9 Мај, во Крива Паланка се одржа хепенинг на градскиот плоштади и музичко поетска вечер во манастирот Св. Јоаким Осоговски кои ги организираше Општина Крива Паланка, како член на ЕУ-Инфо-мрежата,  во соработка со ЕУ инфо центарот на Делегацијата  на ЕУ во Скопје.

Денот на Европа беше одбележан со музика, игра, ликовни и уметнички перформанси и креативни изработки со мотиви на четири европски држави: Словенија, Полска, Унгарија  и  Франција. 

На настанот присуствуваше амбасадорот на ЕУ во Р.Македонија, Самел  Жбогар, кој рече дека овој ден покрај тоа што се празнува ширум целиот европски континент, се празнува и во Скопје, Кочани, Куманово, Гостивар, Тетово, Охрид, Гевгелија, Дебар, Велес, Кавадарци, но и во Крива Паланка.

– Многу сум среќен што сум со вас да го славиме заедно овој прекрасен ден. Мојата порака е дека вие сте дел од Европа, вие му припаѓате на евроспкоот семејство и секој од вас може да придонесе за вашата европска иднина, особено младите, рече Жбогар.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски истакна дека голема е честа да се обрати на Денот на Европа во годината кога Македонија, по, како што рече, десет години застој на патот кон ЕУ, доби безусловна препорака за отпочнување на преговорите со Европската унија.

– Од мое име и од име на граѓаните на Република Македонија се заблагодарувам на подадената рака и на поддршката  на патот кон ЕУ. На патот под заедничкото европско небо не води идејата секој од нас да даде свој придонес за афирмација на највисоките европски вредности. Мирот, просперитетот, стабилноста на еврпоскиот контитнент не обединуваат цели 68 години да ја славиме Шумановоата декларација и да се стремиме европското семејство да го направиме побогато и поквалитетно, а во сета таа глобализација да ги зачуваме својот идентитет и посебноста како македонски народ со цврста европска визија и определба, изјави Мицевски.

Мицевски му врачи плакета од Општина Крива Паланка на амбасадорот Жбогар, во знак на благодарност за поддршката во унапредување на општината благодарение на ЕУ – фондовите кои се достапни и помагаат за имплементација на бројни инфраструктурни и останати проекти од  прекуграничната соработка со Р. Бугарија, но и со Косово, а наскоро и со Р. Србија.

Амбасадорот Жбогар и додели признание на Општина Крива Паланка за партнерството и успешната соработка со Европската унија  при имплементација на проектите кои се во интерест на граѓаните.

На хепенингот учествуваа ученици од двете основни училишта од Крива Паланка, Јоаким Крчовски и Илинден, од средното училиште Ѓорче Петров,  детската градинка Детелинка, ликовниот клуб при Центарот за култура во Крива Паланка, КУД Карпош, КУЗ Фолклористи и КУД 8-ми Октомври.

Покрај со настапи и штандови, учениците се претставија и со цртање на платото пред плоштадот како и на штафелаи во градскиот парк.

Прославата на Денот на Европа во Крива Паланка продолжи вечерта со поетско-музичка манифестација  насловена  „Место каде минатото се сретнува со иднината“ што   се одржа пред манастирот Св. Јоаким Осоговски со почеток во 19 часот.