Обраќање на градоначалникот Мицевски пред Заедничкиот консултативен комитет

Денес во Брисел на 14-от заеднички консултативен Комитет на региони, градоначалникот Мицевски имаше обраќање на тема: „Состојба на тековните реформи, придонесот и нивното влијание врз регионалните и локалните власти со акцент на процесот на децентрализација и управување со отпад”.

Во своето  обраќање градоначалникот Мицевски  ги истакна проблемите со кои се соочуваат општините во Република Македонија како што се наследените долгови, некои уште пред процесот на децентрализација и проблемот со финансирање на децентрализираните надлежности поради кои најповеќе трпат инфраструктурните проекти.

-Ние постојано дискутираме со централните власти. Има формирани неколку работни групи, кои треба да направат анализа на вистинските состојби и да изнајдат решение. Во моментов се избираат еден странски и еден домашен експерт, кои на работната група ќе и помогнат да дојде до вистинската сума на средства која би била доволна за општините нормално си ја извршуваат функцијата, не правејќи притоа дополнителни задолжувања, а извршувајќи ја надлежноста по мерка на граѓаните, рече градоначалникот Мицевски.

Тој во своето обраќање ги  истакна и позитивните примери како што се организирањето на форуми во заедниците, БФЦ сертификација и електронските услуги кои општините  ги добиваат преку ЗЕЛС, а бенефит и корист имаат пред се граѓаните, а потоа и сите деловни субјекти. Тука е системот за електронско издавање на одобренија за градење, систем кој Република Македонија го воспостави прва во Европа, а втора во свет, веднаш после Сингапур, системот за управување со градежно неизградено земјиште, како и електронскиот систем за управување на движни и недвижни ствари, сопственост на општините.

Средбата е организирана од Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). Делегати во ова тело, од нашата земја се 11 претставници од ЗЕЛС, избрани на третата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, одржан на 26 декември, минатата година. На средбата учествува и делегација од Министерството за локална самоуправа предводена од министерот, Сухејл Фазлиу.