Градоначалникот на збратимената општина Самбервил во посета на општина Крива Паланка

Делегација на збратимената општина Самбервил од Белгија, предводена од градоначалникот г. Жан-Шарл Луперто и г.Николас Думонт, советник за култура и фолклор, денеска оствари  прва официјална средба со градоначалникот Борјанчо Мицевски.

Средбата беше во знак на поддршка и пријателство за градоначалникот Мицевски, како и честитки за мандатот и постигнатиот  успех на локалните избори.

Досегашната соработка помеѓу двете општини воглавно се одвиваше на полето на културна размена, а сега и нашите напори ќе бидат  во насока на изнаоѓање на можности  и услови за приближување на интересите и во други области, пред се на економски план, изјави г. Жан Чарлс Луперто.

Градоначалникот Мицевски се заблагодари за честитките и за досегашната соработка и пријателство и изјави дека општината и тој како градоначалник, ќе настојува ова ниво на соработка да го унапреди, користејќи ги пред се можностите и ресурсите кои ги нуди ЕУ преку соодветни програми, како за локална, така и за регионална соработка. Тој  воедно предложи и конкретни активности во насока на организирање на првични работни средби со бизнис заедницата на локално ниво и можности за инволвирање и на стопанските комори на национално и регионално ниво.

Соработка помеѓу двете општини  е воспоставена во јуни 2011 година благодарение на иницијативата за збратимување што ја покренал кривопаланечкиот иселеник Илија Величковски и неговото семејство, кои долги години живеат и работат во овој град, по што од страна на локалните власти на Самбервил веднаш била упатена покана за збратимување и посета на белгискиот град, оддалечен само 50-тина километри од Брисел.

Посета на градоначалникот на Самбервил, Белгија

Големина на фонт
Контраст