Привремено згрижени две семејства со социјален ризик од Крива Паланка

Две семејства од социјално ранливи категории од Крива Паланка кои живееја во дел од опожарени бараки на влезот на општината, се времено дислоцирани и згрижени до изнаоѓање на трајно решение.

Семејствата се со ранливи лица, едното е седумчлено семејство, со пет деца, од кои едно е со пречки во развојот, додека другото лице е само, со хронична болест и е примател на еднократен паричен надоместок. Сите осум лица се привремено згрижени и овозможени им се основни услови за живеење, до изнаоѓање соодветно трајно решение.

Една од опциите е обезебдување место во зградата со социјални станови во градот, информира градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. Тој ја посети локацијата од која опожарените бараки беа отстранети, расчистен е теренот од страна на екипи на Јавно претпријатие „Комуналец“ и се планира доуредување на локалитетот кој се наоѓа на самиот влез во општината, кај клучката со магистралнито пат А2, Куманово-Крива Паланка-граничен премин Деве Баир.

-Работиме на изнаоѓање начин да се уреди овој локалитет, да се постави урбана опрема, но и во преговори сме со странски донатори  за обезбедување донација на нови, посовремени бараки во кои ќе може да домуваат ранливи категории лица, додава Мицевски.