Потпишани договорите за грантирање на граѓански организации од Крива Паланка

Општина Кривa Паланка додели грантови на 16 граѓански организации со цел активна вклученост на граѓанските организации во креирање на локалниот развој и јакнење на капацитетите на здруженијата кои дејствуваат на подрачјето на Крива Паланка.

Договорите денес беа официјално врачени и потпишани на свеченост од страна на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

-Исполнувајќи ги критериумите за транспарентно и отчетно, како и одговорно работење, предвидената сума од 800.000 денари од буџетот за 2018 година за трансфери до граѓански организации ги доделуваме согласно јавен повик на кој пристигнаа 19 апликаци, а 16 од нив се одобрени и ќе бидат поддржани. Има квалитетни проекти од равлични сфери: земјоделие, култура, спорт, фолклор и традиција, од областа на младите, а сите се насочени кон подобрување на работењето на овие здруженија, збогатување и надополнување на секторите во областите во кои ќе бидат имплементирани, со што граѓанскиот сектор, за прва пат е поддржан на транспарентен начин и стимулиран да биде активно вклучен во креирањето на локални политики и развој, истакна Мицевски.

Корисници на грантови се Здружение на пчелари „Пчела“, Црвен крст на Р. Македонија-Општинска организација Крива Паланка, Здружение „Центар за аудиовизуелни уметности“, Здружание извиднички одред „Наум Наумовски Борче“ Крива Паланка, КУЗ „Карпош“, Здружение на граѓани Кошаркарски клуб „Крива Паланка“ , Здружение Центар за младински иницијативи ЦИК ЦАК, Крива Паланка, КУЗ „Распеани паланчани“, Здружние за поддршка и развој на бизнисот и претприемништвото „БИЗНИС КЛУБ“, Здружение Велосипедски клуб „ИМБУСИ“-Крива Паланка, ПСК Руен, ВАДО РЈУ КАРАТЕ КЛУБ ,,ШАМПИОН“, Кик бокс клуб „ПАТРИОТ-СПОРТ“-Крива Паланка, РЗР „ПАТНИК“, КУЗ „Фолклористи“, Здружение на жени земјоделки, сточарки и домаќинки-АГРОПАЛАНЧАНКА. 

Дел од апликантите за прв пат поднесуваат проектни апликации, па од општината планираат со сите расположливи ресурси и искуство да помогнат  заедно со поискусните да можат да добијат вештини за понатамошно полесно аплицирање пред домашни и странски донатори.

Временската рамка за спроведување на  проектите е крајот на календарската година,  а корисниците на средства имаат оврска на транспарентен начин, по реализација на проектните активности, во рок од 30 дена да достават наративен и финансиски извештај за оправдување на искористените финансии, што пак, ќе биде основен предуслов за повторно аплицирање следната година.