Градоначалникот Мицевски оствари средба со светски познатиот карикатурист Дарко Дрљевиќ

Градоначалникот Мицевски денес оствари средба со почесниот претседател на жири комисијата на Меѓународниот конкурс за карикатура (МКК),  Дарко Дрљевиќ и aвторот и организатор на четвртиот Меѓународен конкурс за карикатура „Невестинско Поклонение“, Стојанче Величковски.

Дарко Дрљевиќ е првонаграден автор на последниот конкурс за карикатура од МКК „Невестинско Поклонение” и во негова чест беше организирана изложба во галерискиот простор на Кинотека на Македонија.

На средбата Дрљевиќ го пренесе задоволството од организацијата на изложбата во негова чест, од страна на организаторот на конкурсот, кој за кратко време од своето постоење, достигна висок рејтинг и репутација во светски рамки.

-Ние сме благодарни што преку ваквиот тип на креативни и културни активности, како што е овој конкурс, општината се афирмира и надвор од овие простори и затоа големо задоволство ќе ни претставува, во иднина општина Крива Паланка да биде  организатор на изложба за нашите сограѓани  од широкиот репертоар на богатото творештво на Дрљевиќ, истакна Мицевски.

Резултатите од годинашнито конкурс на тема „Пред (бракот) и потоа“, на кој пристигнаа  вкупно 425 творби од 160 автори од 40 земји од светот, ќе бидат објавени најдоцна до 25 февруари. Најдобрите дела ќе бидат наградени со прва награда „Трофеј Невестулка“,  златнa медалја и парична награда од 200 долари, втора награда – сребрен медалјон и 150 долари и трета награда  – бронзен медалјон и 100 долари. Предвидени се и специјалнa награда, како и плакета за најдобра колекција.