Претставници на бугарската медиумска компанија Globus Media Group во посета на општина Крива Паланка

Во текот на вчерашниот ден градоначалникот Борјанчо Мицевски  оствари средба со претставници на една од најреномираните и најбараните продуцентски компании, бугарскиот конзорциум Globus Media Group.

На средбата со независната медиумска компанија Globus Media Group, стана збор за можностите за понатамошна соработка во медиумската маркетинг промоција и визуализација на туристичките потенцијали на општината и регионот.

– Општината предвидува различни видови активности и можности за развој на одржлив туризам и во тој контекст сме го детектирале и значењето и моќта на медиумите, новите трендови во промотивните активности како и придобивките од истите, и наша заложба и задача е да се вклучиме во овие иновативни прoцеси, изјави градоначалникот Мицевски.

Овој конзорциум, меѓу другото е творец на иновативни производи и услуги во сферата на медиумска презентација и визуализација во областа на туристичкиот маркетинг, а воедно тие се креатори на првата бугарска телевизија за авантура, патување и туризам – Travel TV, првиот бугарски fullHD телевизиски канал, пионери во IPTV  емитувањето, создавање на висококвалитетни документарни филмови, 3D и 4K продукции и филмска продукција.