Младите се обучуваа за претприемништво во туризмот

Што е суштината на туризмот, како да се изработи одржлив бизнис план, макетинг стратегија и да се креираат квалитетни туристички производи беше темата на специјализираната обука за млади претприемачи во туризмот, што се спроведе во Ќустендил, Република Бугарија и во Крива Паланка, РМ.

Целта на овие тродневни обуки беше оспособување на младите и потенцијални претприемачи за осознавање на факторите за успех во туристичкиот бизнис и потребата од истражувања на туристичкиот пазар во насока на започнување на сопствен бизнис и обезбедување на квалитетни и атрактивни туристички услуги.

-Во туристичкиот бизнис не е доволно само да се обезбеди потребната инвестиција, да се изградат капацитетите и да се промовира нова туристичка услуга. За младите претприемачи најважно е најпрвин да го испитаат пазарот, во смисла на потребите на понудата и побарувачката. Поточно, се зависи од тоа дали за одредена туристичка услуга имате заинтересирани клиенти и колку таа услуга ќе ви носи профит и ќе го прави бизнисот одржлив. Залудно е да се нуди некој туристички производ,колку и да е примамлив, ако нема кој да го купи.Значи, пред се, секој што сака да се занимава со туристичко претприемништво, треба да знае дали има профилирана таргет група за туристичката услуга што ја нуди, заклучува проф.д-р Косјо Сточев, експерт од Софија.

На обуката младите претприемачи се интересираа за конкурентните предности на пограничниот регион од Севеоисточниот дел на Македонија и Ќустендилската област во Бугарија, но и за ризиците во туристичкиот бизнис.

 -Кога се изготвува туристички бизнис план, секогаш треба да се направи и проценка на ризиците и да се има план „Б“ во случај работите да тргнат во несакана насока. За тоа, пак, е неопходна детална анализа на туристичкиот пазар, како и добра маркетинг статегија и менаџерски вештини.Секој производ треба соодветно да се позиционира и рекламира, а услугите да се прилагодуваат на желбите и потребите на туристите.Во целиот процес, неопходно е и континуирано да се работи на повратната информација, односно на испитување на задоволството на клиентите, смета експертот Веселина Георгиева од Бугарија.

Обуките ги поминаа вкупно   40  млади  и потенцијални претприемачи во областа на туризмот од Македонија и Бугарија, кои добија сертификати за основните вештини во туристичкото претприемништво.

Овие обуки се дел од проектот „СТЕПС –Поддршка на претприемништвото и популаризирање на услугите во туризмот“, што го спроведуваат здруженијата  РЦС„Спектар“ од Крива Паланка и Младинскиот општински совет од Ќустендил,  финансиски поддржан од ИНТЕРРЕГ  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија.

Во рамките на проектот, досега беше изработена студија „Можности и предизвици за обезбедување квалитетни туристички услуги и продукти во прекуграничната област“, акциски план за зајакнување на претприемништвото во туризмот, а одржани се и неколку тркалезни маси. Во наредниот период ќе се креира  онлајн платформа за бизнис консултации во туризмот преку која ќе се одвиваат  консултации за стартап бизниси. На крајот од проектот, предвидено е одржување на конференција за вмрежување на младите претприемачи од регионот.

Младите се обучуваа за претприемништво во туризмот